0

Кога слободата НЕ ослободува

Цел живот си викам дека личната слобода е највредното нешто. Да се биде слободен да се прави што сакаш, како сакаш. Меѓудругото тоа е и слобода да се оди сам на одмор, сам да се шета, сам да се јаде, сам да се забавува. И ете, сега сум во време кога можам да си го дозволам тоа, АМА всушност не е така.

Последниве години упорно ја истражувам опцијата за летување сама. Дали знаете дека ако сакате да летувате сам, како единка, без разлика кои се причините за таа одлука, речиси е невозможно да најдете таква понуда?

Сум разгледувала можност моето летување да биде организирано преку агенција, или да биде алтернативна варијанта со склопување повеќе места. Во првата опција ниту една агенција не нуди соби со едно легло. Со сигурност кај сите домашни, ама и странски кои сум ги гледала, ако сакаш да летуваш сам ќе треба да доплатиш најмалку 70% за вредноста на второто легло, затоа што сите соби се со два или повеќе кревети.

Во втората опција има повеќе варијации:

  • да  закупиш соба/апартман со фиксна цена на чинење без разлика колку лица може да спијат во него,
  • да платиш за две лица, а да престојуваш сам во мала соба,
  • да спиеш сам во соба каде цената е по кревет, ама да платиш и за сите останати кревети во неа,
  • во многу ретки случаи, да најдеш соба за еден човек која е со лош квалитет и многу се разликува по квалитет од останатите соби во комплексот (да се дообјаснам, ќе завршите во некое приправено собиче, каде веројатно претходно била оставата, а ќе платите како за висока класа).

Нема да зборувам за патувачките опции, за оние кои се идентификуваат како патувачи и користат сместувања во хостел, шатор, кампер, Airbnb sharing room и слично, затоа што тие се вообичаено за краток престој или се рефлексија на специфичен животен стил.

Да се навратам на мојата слобода. Во случајов мојата слобода ме заробува во непотребни финансиски трошоци, ме оневозможува во посакуваното летно уживање и ми ја наметнува општествената стигма. Секако, ова е само еден пример во кој слободата не ослободува, а за другите во друга прилика.

Исклучително ме иритира дека индивидуалното летување е привилегија само за оние кои или не внимаваат на своите трошоци, или не се грижат за својот буџет, или имаат отповеќе пари или се расипници. Зачудувачки ми е и тоа што туристичкиот сектор не прави прилагодувања на трендовите кои секојдневно ги сведочиме – се повеќе самци, се повеќе проблеми со ментално здравје, се повеќе потреба за личен простор, се повеќе потреба за уникатни искуства. По сето ова индивидуалното летување е само на филмови и серии, романтизирано и нереално за еден просечно полн џеб.

Сега ми преостанува е да го направам изборот дали ќе платам многу повеќе (од паровите, пријателите, семејствата, групите кои летуваат заедно) за мојата слобода, или ќе морам да си измислам човек и да се покорам на светот кој не ја почитува слободата.

Слободата, сепак, е скапа работа! Но одбивам да се откажам од неа.