1

Утро … 

Отсекогаш сум ги сакала утрата. Оние моменти помеѓу сонот и јавето и смиреноста која лебди над се. Она кога можеш да бидеш сам со себе и си ги слушаш сопствените мисли.

Ме разгалува окрепувачката енергија која ја шират првите сончеви зраци, пријатно топли и нежни врз кожата. Се предавам на моментот кога ми светнува во очи па мижуркам, па под скоро затворениот очен капак ми се препелкаат сите бои на ѕуницата. Молчам и уживам. Се претопувам во раатот кој го распостилаат одблесоците од околните стакла и срамежливо цртаат фигури на фасадите.

Ги сакам мирисите на свежо измиен асфалт и тазе пржените лепчиња.

Ја уживам тишината прекината само со звуци на природата. Црцорот на врапчињата и трепетот на листовите. Малку ме ремети тресењето на постелината на комшиката одспротива, ама и тоа е дел од утринската магија.

Не знам зошто, ама со радост ги впивам утринските движења. Чистачите кои посветено “танцуваат” со метлите. Забрзаните работници кон своите работни места. Гладните залаци пред бурекчилницата. Загрижените родители на пат кон градинките. Сонливите детски ликови. Подготовките во рестораните. Редењето на тезгите на пазар. Тивкото подрипнување на птиците.

Ја сакам мамурливоста на почетокот на денот и кафето кое ми се тетерави низ грлото, како да го наговестува хаосот кој ќе следува подоцна.

Се фасцинирам и како оваа магија брзо исчезнува. Се губи со првото вклучување на алатките за работа и со првиот телефонски повик. Целосно се распрснува меѓу првите пцовки во сообраќајниот метеж и звуците од градските градежните работи. Исчезнува со првото стапнување во полниот автобус.

Размислувам како никогаш повеќе нема да се повтори ова утро. Вртам низ глава и се потсетувам на убави утра кои останале само спомен.

На пример постов почнав го пишувам во Дојран, пред некое време. Сонцето пополека се подигнуваше на хоризонтот. Една страчка потцупнуваше на блискиот покрив. Сонцето ги осветлуваше цветчињата на олеандерот. Еден човек го метеше пазарот. Мачката ја смени позата и продолжи да дреме. Езерото засјаи.

Денеска сум во Скопје. Пијам кафенце на балкон и гледам во зградата од карши. Како на платно се проектираат најубавите нијанси на жолтата и порокаловата боја. Вработените во блиското кафуле мрзеливо ги чистат масите. Луѓето кои минуваат молчешкум движат.Капакот на кривата шахта заѕвекнува под тежината на автомобулите. Се слуша некое пиле во далечината. Ете ја и камбаната на некоја црква. Гулабите колваат и тропкаат на ламарината …

Хм, а можеби утрото е само матафора. Можеби само се радувам што сум жива и сум благодарна на новиот ден. Секој ден, без причина.

Добро утро и убав ден …