0

Целофан …

Одамна се токмев да го напишам постов ама не му беше дошло времето. Денеска пред очи ми се покажа колку е алармантна ситуацијата и колку е неопходно да се проговори на темава.

Како и секоја година и оваа градот расцветал во чест на 8-ми Март. Цвеќиња во саксии и во букети насекаде. Шаренило од големини, бои и текстури.

И целофан. Многу целофан. Проѕирен или во боја, тенок или ламиниран со уште нешто, сјаен или мат, со декорација или чист. Дополнет со панделка од различна пластика. Нема да продолжам да ги редам и набоцканите пластичните додатоци, лепењето со силикон на разни дребулии врз листовите и збогатувањето со разни пластични мрежи.

Е тука ми пука филмот. Зошто е потребно сето тоа ѓубре?

20170913_151856Иако нема врска со 8-ми Март, фотографијава дава добра илустрација колку несвесно се однесуваме со додатоците, во случајов со целофанот и панделките. Сликана е по некое одбележување на важен датум од историјата. Со најдобра намера почитувачите на делото на херојот донеле букети и икебани, ги оставиле во негова чест и си заминале. Цвеќињата овенале и почнале да се вклопуваат со останатата природа, но пластичните делови останале како нови, расеани од ветерот и оставени да загадуваат уште многу долго.

Што сакам да кажам. Знам дека и годинава за 8-ми Март ќе се купат многу цвеќиња како подарок за жените во вашите животи, ама барем купувајте одговорно и не загадувајте непотребно. Денот ќе помине, но отпадот ќе остане.

Не сакам да звучи патетично, но секое цвеќе е доволно убаво такво какво што е. Природно и незавиткано. Важна е неговата симболика, љубовта и почитта кон онаа за која е наменето.

Ако пак не сакате да се откажете и сметате дека дополнителното пакување визуелно ќе придонесе да оставите подобар впечаток, не заборавајте дека имате избор. Одберете панделка од природен метеријал или некоја текстилна на која може да и се најде и друга намена. Наместо целофан одберете хартија која може да се рециклира или текстил кој може да се реупотреби.

Бидете одговорни граѓани и дадете пример на идните генерации. Аман, престанете со целофанот …

 Дополнето:

Тазе илустрација на постот со слика од денеска 😦

 

 

 

 

Advertisements
0

Патувања …


Деновиве бев за Брисел. На кратко, по работа. Додека движев низ градот заклучив дека на секое патување има неколку работи кои ми се повторуваат како непишани правила.
За сите тазе и идни патувачи препорачувам:

1. Секогаш погледни зад аголот.

Охххх колку е лоша мојата ориентација! Никогаш не знам каде сум и накај треба да тргнам. Кога треба да најдам некое место прашувам по луѓе, се служам со мапата на мобилниот и за секој случај погледнувам во хартиената мапа, но секогаш, без исклуок, во еден момент се наоѓам во “мртва точка”. Изгубена и без идеја „кој пат да го фатам”. Како местото кое го барам воопшто да не постои.

Е тоа е моментот кога погледнувам зад аголот. И или таму е местото што сум го барала, или таму наоѓам некое место кое тотално ме изненадува, или таму се крие нешто кое ќе ме упати кон вистинската насока.

Всушност можам да повлечам паралела со секојдневието. Кога нешто мислите дека е невозможно, сменете го аголот на гледање!

2. Следи ја својата интуиција.

Биди фокусиран на тоа што го сакаш и љубопитно истражувај. Или подобро, следи ги знаците и однесувањето на луѓето околу тебе. Дозволи си да не бараш ништо, туку некоја убавина да те најде тебе. Кога се двоумиш каде и што, остави ги нозете да те водат. Изостри ги сетилата и уживај.

На овој начин ги имам откриено најубавите делови на градовите и имам доживеано неповторливи моменти. Некои од нив дури и не можам да ги означам на мапа ниту пак ќе има шанса повторни да ми се случат.

3. Предизвикај се и уживај во моментот кога се надминуваш.

Патувањата се и начин да се соочиш со себе и со својот ум. Особено ако патуваш сам. Сомнежите од типот „ќе се снајдам ли?” „како ќе стигнам до местото?” „можам ли?” се растопуваат како снегулка на дланка кога ќе се соочиш со предизвикот. Затоа што се ставаш во ситуација да мораш. Па дури и да ти се раскрвават дланките од тешката торба, или да не можеш да земеш здив од напорното искачување по скалите, или ако ти е ужасно страв во темната уличка, моментот кога ќе успееш да го совладаш призвикот е она кое се памети и за кое вреди долго да се зборува. Моментот на победата над самиот себе е оној кој нè расте и нè гради

4. Не се замарај, никогаш не може доволно да се подготвиш.

И сè да прочиташ за местото, и да ги спакуваш сите дребулии на кои ќе ти текне, секогаш нешто ќе те изненади. На пример ќе ти се појави преубав парк со лебеди кој не бил никаде означен или ќе те пресретнат улични свирачи кои имаат одлично шоу. И што? Само ќе го одминеш затоа што твојот план за денот вели дека треба да го пробаш најславниот бургер во градот? Да, можеш, но навистина ли го сакаш тоа? Најчесто моите планови за патување ги содржат само основните детали и свесно оставам патувањето да ме фати неподготвена. Да има можност да ме изненади.

5. Џабе маката, фотографијата не може да го долови искуството. 

Леле колку време имам изгубено да направам фотографија толку убава колку што ми било убаво чувството во некој момент. Истото е и со грдите сеќавања. Никогаш не сум успеала. Ниту боите во моето око се исти како на фотографијата, ниту пак сум ги фатила звуците и мирисите околу мене. Во последно време се задоволувам и само со пристоен фотографски запис кој ме потсетува кога и каде нешто се случило. Емоцијата е таа што си ја носам со себе цел живот.

Постов го пишувам во авионот за накај дома. И на ова патување важеа сите правила. Накратко, авионот од Скопје за Белград доцнеше доволно за да го фатам следниот 5 минути пред тргнување. Во Брисел ме дочекаа последните 2 саати од нивниот Фестивал на светлината, токму на ширината пред мојот хотел. За вечерта планирав да посетам една стара пивница. Немав поим дека се случува фестивалот, ниту пак во кои делови. Решив да ја следам интуицијата и денеска заклучив дека сум видела голем дел од светлосните инсталации кои беа неповторливо искуство. Вчера тргнав да си купам патики, со модели и цени симнати од интернет, демек спремна. Арно ама во продавницата ме дочека друга реалност и си излегов со празни раце, џабе цела подготовка. Успеав да отидам и до Лувен. Немам ниту една добра фотографија, ама затоа уште го осеќам тресењето на колената од страв додека се качував во кулата на универзитетската библиотека. Страшно и возбудливо искуство за паметење. И да, едвај го најдов местото каде што имавме состанок. Беше точно зад аголот!

Поздрав од Белград 😉

0

Попуст …

Во време на сериозен конзумеризам тешко е да се одолее на искушението ПОПУСТ, а уште потешко на РАСПРОДАЖБА. Напишано со огромни букви и прекрасни бои како да ти го одзема разумот и како со магнет те привлекува во продавницата. Внатре ти се поматува умот од фуријата растрчани купувачи кои се борат за некој производ како да е последниот здив. Веќе не размислуваш рационално. Забораваш колкави биле цените пред попустот и колку % е вистинското намалување. Си викаш ,,сега му е мајката” да се докачам до се она по кое се лигавев по излози и многупати пати влегував и го посакував. И шок, го нема твоето бројче или твојата боја! Разочарување. Ама нема врска, додека сум тука ќе си најдам нешто друго, па се е на попуст, што и да земам ,,сигурно ќе ми се најде за некоја прилика”. Куп луѓе пред гардероба, не можам да чекам, од око гледам дека ми е добро. ,,Чекај уште нешто да земам, и така ќе чекам ред, да не биде само ова”.Многу пати го имам преживеано ова, се додека не одлучив да не се впуштам во ,,масовното лудило”. Кога ќе се најдам пред искушението сама на себе си правам притисок дека МОРА да купам. И така, најчесто дома доаѓам со работи кои или не ми се потребни, или не ми се точни, или се наквалитетни до неупотребливост. А ми отишле и парите кои ги штедев.

Да се разбереме, јас немам доволно пари да имам се што ќе посакам. Ни оддалеку. Им се радувам на намалувањата и се обидувам да заштедам, ама низ годините сум развила одбрамбена тактика како да извлечам максимална корист. Така си ги почитувам моите пари и развивам одговорност кон општеството (создавам помалку ѓубре и внимателно одбирам кого го поддржувам со моето купување).

Ова е мојата тактика:

1. Ја пробувам и проверувам гардеробата која ја поседувам. Правам листа на тоа што ми е неопходно, на тоа што ми е потребно и на тоа што би било супер ако го дополнам, ама не ми е ни итно ни битно.

2. Отприлика знам кога се попустите, па шетам низ продавниците и на раат си ги одбирам парчињата кои ќе ги ловам на попуст. Обавезно пробувам тоа што ми се допаѓа, за да не мора да трошам време кога ќе се случи намалувањето на цената.

3. Одбирам време кога е најмалку посетено, на пример сосема рано, веднаш по отварањето.

4. Со себе носам ограничена сума на пари и избегнувам да ја земам кредитната картичка. 

5. Одам сама. Искуството ми говори дека потешко се справувам со коментарите ,,Леле џабе е ова, не се испушта” и ,,Зошто не си го земеш, ваква боја немаш, а и ти прилега на тенот”.

Не дека измислив топла вода или дека нешто многу сум паметна, ама сакав да споделам еден поинаков начин да се купува на попуст. И не заборавајте, следната распродажба ќе дојде за 6 месеци. Нема потреба да претерувате и да складирате. 

п.с. Инспирација за овој пост е една тековна garage sale во еден од трговските центри. Ако прошетавте деновиве ќе мислевте дека доаѓа крајот на светот. Мојата перцепција е дека веќе имаме многу компулсивни купувачи. За причините во некое следно пишување.

0

Осаменост …

Многу сакам да пешачам. Сакам да одам пополека и да ги слушам муабетите на непознатите кои одат зад мене, сакам неочекувано да го сменам правецот и да истражувам непознат дел од градот, сакам кога можам да уловам некој момент со мобилниот, да одам и да набљудувам.

И додека движам секогаш ми се случува некој „reality check“ кој ме носи до нова тема, до размислувања за очигледни, а незабележани состојби, до нови согледувања.

Неодамна во Лондон, доживеав таков момент. Се случи во „Museum of London“. По целодневно пешачење низ градот решив да ѕирнам во музејот. Веднаш по главниот влез, десно, има огромен бел ѕид на кој се испишани некои факти за градот. Љубопитно гледав и се воодушевував, се додека го здогледав ова:

20171211_110950.jpg

(Превод: Кога последен пат разговаравте со некого? Во Велика Британија, повеќе од 12% од лицата постари од 75 години се чувствуваат осамени, понекогаш или постојано. Во сиромашните урбани маала оваа бројка достигнува двојно повеќе од националниот просек.)

Останав без здив. Навистина? Можно ли е? Како?

Вртам во главата слики од пешачењата низ градот во претходните денови. И да, навистина видов осамени луѓе. Но како не ги забележав претходно?

Прво се сеќавам на еден чичко кој седеше во KFC ресторанот каде што ручав дента. Сам, само си седеше, ниту јадеше, ниту пиеше, ниту бараше нешто од некого. Немо гледаше, де во младите од соседната маса кои гласно се смееја, де надвор кон луѓето што се движеа. Не изгледаше како бездомник или напуштен. Имаше смирен, по малку носталгичен израз на лицето и очи во кои се гледаат еден куп мисли кои го преплавуваа во моментот.

Всушност и денот претходно сведочев на слична случка. Една жена, со свои преку 70 години, си седеше и си плетеше во Mc. Donalds. Отскокнуваше од жагорот кој беше присутен насекаде, па ме наведе да седнам близу и да анализирам. Првиот впечаток ми беше дека е дојдена да се стопли, но не. Беше пристојно облечена  „спастрена како за пред народ“ и со себе носеше само една поголема торба од која ѕиркаа волници. Ѝ мрдаа и рацете и очите. Го слушаше разговорот на неколкуте тинејџерки до неа и како и самата да учествуваше во случките за кои разговараа. А таа молчеше. Никој не ѝ прозборе. На лицето ѝ се гледаше задоволство, знаете, оној израз кога сте во друштво со кое добро се познавате и со кое не мора за зборувате за да си кажете се што имате.

Сега ми е јасно дека тие биле таму за да не бидат сами. Не ги видов иако секој ден зборувам за „невидливоста“ во општеството.

Се фаќам себеси како уште стојам пред ѕидот во музејот. И зјапам.

Неочекувано во умот почнуваат да ми се редат слики од тука.

Како пред мене да го гледам дотераниот старец во Жена парк кој се изненади кога му прозборев. Како да се уплаши. А потоа се насмевна. И ми направи место до него на клупата на која седеше. Си направивме и муабет. За симит погачите во Скопје. Ми кажа и дека е сам и дека често си седи во паркот. Беше господин човек, за кој верувам дека на времето имал многу пријатели.

Ми се прикажува е еден дедо во Берово. Денот беше штотуку почнат, а тој веќе со потпрена глава на едната рака, седеше на камената скала пред старата куќа. Неколку денови по ред ја гледав истата слика. Како ритуал за пречекување на крајот. Каде ли му е семејството? Колку ли време е вака сам? Има ли кој да му се најде? Сеуште ме мачат овие прашања.

Оххх… Се сетив и на едно друго старче со кое еднаш си муабетев во автобус. Ја проколнуваше својата тешка судбина. Ми кажа дека има 73. Бабата му умрела и сега е сам и многу тажен, дека и тој ќе умре, а синот нема кому да го остави, уште го нема со невеста видено. Со солзи во очите велеше дека е многу тешко да се биде сам. А кога седнав до него ме поздрави со најљубезната насмевка на светот. Така и зборуваше, топло и милно.

Никогаш не сум размислила дека осаменоста е меѓу нас и дека може да има толку различни лица. Никогаш вака пред очи не ми се прикажала „невидливоста“

Со мобилниот ја фаќам горната фотографија, како да сакам да имам доказ. Си велам – добро. Продолжувам низ музејот.

Денеска е 42 ден од тогаш. Вчера се возев со ЈСП. Беше вторник и имаше гужва заради пензионерите. Мирисаше на застоено, на пот и на ракија. Смрдеше на осаменост. Се сетив на фотографијата.

Осаменост. Познато ли ви е? Ја гледате ли?

Не знам ни дали Македонија го знае процентот на осаменост кај населението. Но малку ме фаќа страв. Дали мојата генерација ќе биде во него, кога ќе наполни 75?

За крај, вие кога последен пат разговаравте со некого?

0

Новогодишна прослава …

proslava

Деновиве е актуелна одлуката на град Скопје да НЕ организира централна прослава. Си мислам дали има потреба да коментирам на веќе донесена одлука, ама за да не ме мачи, сепак решив да напишам.

За да не се повторувам со ставот кој веќе го објавив на фејсбук, https://www.facebook.com/plugins/post.php?href=https%3A%2F%2Fwww.facebook.com%2Fbiljana.dukovska%2Fposts%2F10155047335496299&width=500 , ќе се обидам да скицирам како за мене би изгледала идеална прослава во градот.

Нема да ја креирам ниту по етнички, ниту по возрасен, ниту по партиски концепт. Пред се, таа мора да има граѓански и отворен карактер, односно да им даде место на оние кои присуствуваат самите да си го најдат своето омилено делче. Однапред да кажам, дека ваков настан би барал и поголемо ангажирање и подолго организирање, но и задоволството ќе биде поголемо. И секако прославата не би била само една вечер, туку во последната недела пред новогодишната ноќ.

Како за крај на годината, убаво би било да се свртиме наназад и да видиме што направивме, какви успеси имавме, со какви предизвици се соочивме, едноставно, да видиме што правевме. Да ги провериме богатствата на градот. Па така:

  • Како искуство од претходните години ми се допаѓа идејата да се продаваат ракотворби. Со нив се стимулира развој на занаети/вештини и со соодветна поддршка тоа може да прерасне во формален и приходен бизнис, или уште подобро, да генерира нови вработувања.
  • Граѓанските организации треба да имаат свое место, особено оние кои работат социјални претпријатија или имаат свои производи. Учеството би им донело популаризација на производите и секако видливост на проблемите со кои се соочуваат нивните целни групи.
  • Имаме куп таленти кои ретко или никогаш не добиваат шанса да се покажат пред поголема публика. Мислам на аматерски (или професионални) хорови, бендови, дј-и, танцови студија, фолклорни друштва, театри, уметници, таленти – индивидуалци, неформални групи, итн. Градот би било убаво да види со што располага и да направи пригодна програма. За секој од нив да следува некаков хонорар и благодарница, како стимул за во иднина.
  • Ги знаете сите оние млади, па и постари, кои цела година преку екраните се бодрат низ српските шоуа? Оние за кои се зборува дека одлично пееле? Ајде да ги најдеме и да ги прашаме дали би сакале да ни го орасположат градот.
  • Да не ги заборавиме и професионалците од филхармонија и опера, оркестарот на МРТВ, дувачкиот оркестар, театрите и балетот. Може да се организраат кратки изведби, со неколкумина од нив, на популарни теми.

За главната вечер:

  • Би купила костени, ореви, бадеми, лешници, од оние кои вредно ги набрале од шумата, не ги увезле, немаат складирани шлепери и не се богатат од тоа. Ќе направам малечки фишеци што нема да чинат повеќе од 50 денари и ќе се продаваат во еколошка амбалажа.
  • Храна мора да има, ама баш немам идеја како да го уредам овој дел. Можеби повторно би одела на варијанта со повик за учество, со тоа што би имало услов да се донира дел од приходот од таа вечер. Се размислувам и за оние мобилните продавачи на сендвичи и хот дог, или за домашно приготвена храна од вешти жени. Важно е парите да стигнат до оние кои имаат помалку.
  • (Се размислувам и за бездомниците и оние кои немаат ништо. Можеби преку организациите кои работат со нив би се поделиле купончиња за едно парче храна, еден пијалок и едно благо и врз основа на собраните купончиња би им се платило на продавачите. Никој не смее да изоставиме од големата слика!)
  • Благо – бидејќи е сезона на тикви и јаболка, би купила од индивидуални производители (или задруг) и би направила неколку видови десерти, кои ќе ги изработат социјални претприемништва или групи на граѓани кои се во социјален ризик и тие би се продавале за не повеќе од 50 денари, повторно во одговорна амбалажа. Ќе им биде платен ангажманот на оние кои ќе готват.
  • Чај – повторно купен од некој кој го берел од планината, ќе се дели бесплатно. Вело кафињата би ги прашала дали сакаат да учествуваат.
  • Топла ракија и греано вино – тука сметам дека треба да се внимава и да не се поддржат нерегистрирани производители, туку да се стимулираат мали или нови винарии, според однапред утврдени критериуми. Нема да се употребуваат оние пластичните чашки за еднократна употреба, туку ќе се внимава да има хартиени еко чаши кои веднаш може да се рециклираат. Ми текна дека може да има и повратни стаклени или порцелански чаши, со кауција, но за тоа не сум сигурна.
  • Градот Скопје чинам има свој регистар на улични уметници, со прекрасен репертоар и ангелски гласови, ќе разговарам со нив, ќе подготвам пригодна програма и ќе им платам хонорари, достојни за работа на празник.
  • Ќе ги повикам професионалните музичари, ако сакаат да учествуваат, за некој нормален хонорар, дека не е фер да работат за без пари, ама не би ги платила „како да се последната ѕвезда на планетата“.
  • Сите пари од продажбите би ги донирала во хуманитарни цели. Во суштина сите пари што ќе ги потроши градот ќе претставуваат стимулации и поддршка.
  • Огномет нема да има! Па имаме умови кои би направиле некакво звучно или колоритно шоу, со некакви светки и светлечки ефекти кои нема да го загадуваат воздухот, а ќе бидат свечени и ефективни.

За крај, за се ова што го набројав, нема да се потрошат многу пари, а ќе се добие вистинска вредност. Мислам дека има барем уште 10тина работи кои може да се вклучат, а за кои градот Скопје веќе има сопствени ресурси од каде би ги исцрпел. Секако нема да биде досадно. Убаво е да се сврти некое оро, и некое танго, и некој ретро хит, и супер модерна песна или алтернативен звук. Добро е да се донесе среќа во срцата на луѓето. Ако сакаме за Скопје да зборуваме како за метропола, да му дозволиме да порасне во една таква, отворена и разнолика.

п.с Предлозите може да се реплицираат/прилагодат и на општинско ниво.

0

МЕРАКЛИ(Ј)КА

Знаете за што ќе пишувам, така? Не, не е за тоа 🙂

Како инспирација од типизирањето на жените според карактеристиките, некако се испровоцирав да пишувам за типот „Мераклијка“.

Интересно е дека во македонскиот јазик постои зборот мераклија.meraklija.jpg

Мераклијка е изведенката во женски род, а во народот е вдомена како мераклика. Најчесто е употребувано во конотација на промискуитетна жена, жена која често менува мажи и жена која ужива во секс. Се користи како форма на исмевање, дисквалификација, па дури и како погрден израз. Постојат и „Знаци дека е „мераклика“, а па дури и песна е испеана на темата.

Може да се чуе како со мераклики се опишуваат и оние жени кои пијат алкохол повеќе од она што средината оценила дека е мерка за нив, за разлика од мажите кои се квалификуваат како боеми ако го прават истото. Мнооогу ретко мераклики се и оние кои уживаат во храна, оти тие генерално се квалификуваат како дебели, наспроти мажите со исти карактеристики кои се познати како гурмани.

Она што се заборава е дека по аналогијата на мераклијата и неговиот хедонизам, мераклијката е всушност жена која знае да ужива во животот. merak.jpg

Тоа е жена која има страст кон нешто или има желба тоа да го да го направи, без притоа да дава некому сметка или да објаснува зошто тоа го прави. Да, секако, во уживањето влегуваат и сексуалните искуства, во обем и форма прикладни за секоја мераклијка, но не само тоа. Всушност, мераклијки се

  • оние кои се слободни да бидат тоа што сакаат и си ги тераат ќефовите
  • оние кои не дозволуваат нивниот живот да биде нечија друга работа
  • оние кои си ја бараат сопствената среќа
  • оние кои тешко се вкалапуваат во општествените норми
  • оние кои некогаш ги мразат последиците од тоа што го прават, но уживаат додека трае
  • оние на кои не им е гајле што вие мислите за нив

Мераклијки се и

  • оние кои патуваат низ светот и му се радуваат на секое ново место и секоја нова култура, додека ги боли секоја клетка на телото
  • оние кои се дружат со книгите, ги создаваат или ги читаат
  • оние кои денгубат низ кафеани со пријателите
  • оние кои посветено работат во било која област
  • оние кои се будат со помислата дека денот ќе донесе нова радост
  • оние кои знаат да се радуваат на малите нешта исто како на исполнувањето на најголемите желби.

И уште многу други …

Не зборавајте дека мераклијки се многу од оние жени кои вам ве прават среќни и имаат енергија која ви дава повод да се насмевнувате. Тоа се и оние жени на кои вие им завидувате, заради тоа што тоа не сте вие, знаете, оние кои се среќни заради тоа што се.

п.с. Авторката е меракли(ј)ка.

0

Канцеларии …

Вчера имав работа со некои документи, носам – земам хартии низ разни канцеларии. Попатно забележувам нешто за кое со години сакам да проговорам, ама ете, не му дошло редот.

20227879_10154746933226299_468103088_o

9.30 во Централен регистер

Прашувам една од вработените за образецот, голта кафе и ми одговара. Кревам поглед и потаму гледам еден помлад вработен како слатко си јаде тост. Си тегне од стопениот кашкавал и го брише мрсничкото околу устата. Ми рекоа да почекам. Си стојам до пултот и набљудувам. Уште двајца вработени јадат, еден сендвич од дома и едно пециво пополека ги снемува. Од некаде се појавува и една жена со огромен послужавник и носи хартиени тањирчиња со мекица и сиренце во секое. Оди околу бироата и на секој вработен му подава по едно. Претпоставувам, живо и здраво да е детулето, големо да порасне. Мх мх мх, се погодиле мекиците. Групно џвакање, мрсни раце и уживање. Доаѓа мојот документ, љубезно се поздравуваме и си одам. Мене ми кркорат цревцата.

11.00 во архивата на МТСП

Го подавам документот и чекам да го запишат во книгата. Тече муабет ,,Ти јадеше? Ауууу мене кроасаните ептен вкусни ми дојдоа. Секогаш им се погодени. Денеска зеље и сирење купив, еве имам уште еден за после” и покажува кон ќесенцето од мојата десна страна, веднаш под стаклото од шалтерот. Можам да го почувствувам мирисот на путер. Погледнувам како тенките корички на лиснатото тесто ѕиркаат низ хартијата. Ми текнува дека јас немам појадувано.

13.15 во СЕП

Чекам на пријавница да проверат дали може да се качам за документот. Ги фаќам вработените на враќање од ручек. Си одат кон канцелариите со ќесичиња полни храна. Си викам добро, си купиле и за дома. Ама се зезнав. Добивам одобрување да одам нагоре, се возам со стариот лифт и влегувам во писарницата. Ме удира мирис како од ресторан. Во мноштвото различни манџи го намирисувам оризот и гледам едно мевце како го снемува во устата на една од вработените. Слушам ,,повелете” меѓу два залака, се спушта алуминиумското пакување на бирото и кон мене се подава една рака. Се објаснуваме 2 минути, јас си одам, ручекот продолжува. Низ глава ми се врти ,,Што ли јас да ручам денес?”

Што сакав да кажам.

Вработените седат зад своите компјутери и јадат. На работните бироа или под стаклото од шалтерите. И тоа не го бива!

Од една страна, станува збор за државни институции каде граѓаните се обраќаат за решавање на некаков свој проблем или исполнување на некое свое право и апсолутно е недозволиво да се соочат со вработен кој џвака. Нели еден куп кампањи поминаа и раскажуваа дека граѓанинот е на прво место?

Од друга страна, апсолутно е несоодветно институциите да немаат определено место/просторија каде вработените би можеле да ја искористат својата пауза. Во ваква ситуација едноставно не им преостанува ништо друго освен да се снајдат каде да јадат. Можеби синдикатите треба да се позанимаваат малку со ова?

За воља на вистината, и мрсни, и со полна уста, вработените си ја звршија работата, ама никако не смее да остане истата слика. Во некој следен пост, ќе ви раскажам и за дел од муабетите што ги слушам додека чекам по шалтери или движам низ институции. Ни тие не се помалку интересни. Напротив само даваат шмек на грдиот впечаток кој го добиваат граѓаните.