Куфери …

18195621_10154498413051299_1491592032_oЖивеам блиску до Автобуската станица во Скопје и секојдневно гледам луѓе со куфери и секогаш сум љубопитна да ѕирнам што носат во нив.

Погледувам во човекот, па во куферот, па со обидувам да погодам дали станува збор за турист, за некој што дошол по работа, за некој од друг град кој живее во Скопје, за некој кој е само на поминување до посакуваната дестинација или за некој што тукушто доаѓа и планира да остане тука. Низ главата ми се редат можни содржини на куферите, од долна облека до книги, од скапи парфеми до чорапи со дупчиња од старост, од најмодерна технологија до лекови против алергија.

И се прашувам, зошто баш тоа го спакувале и го носат со себе. Дали одбирале функционални, неопходни или вредни работи? Дали се пакувале по инерција или внимателно одбирале што ќе стават во нивниот куфер? Дали во нивниот куфер има спакувана надеж ? Дали им е спакувана осаменоста? Дали можеби куферот им крие некоја тајна?

Потоа размислувам за моите куфери. Секогаш внимателно се пакувам, комбинирам парчиња за да не носам премногу облека, земам едни обувки да ми одговараат на се, ама и јакничка да не ми застуди, и купачки за ако има базен, и резерва хулахопки, и млекцето за тело, итн. Но сега, кога си правам анализа, прво ми текнува колку моите куфери се секогаш тешки и дека кога ќе ме здоболи грбот од нивното носење сакам да ги оставам и да си заминам. Во тие моменти се пребројувам и секогаш констатирам дека за ништо внатре нема да жалам ако го снема. И секогаш продолжувам да ги тегнам, затоа што сепак, тоа внатре е мое и ми е жал да се разделам од него.

Додека пишувам, си викам „што се би ставила во мојот куфер, ако утре треба да си го сместам животот во него“. Ете да влезе некој и да ми рече „Мора веднаш да го напуштиш местово. Локацијата каде што ќе одиш не смееме да ти ја кажеме. Имаш половина час да ставиш во еден куфер тоа што ти е вредно, затоа што веќе никогаш нема да се вратиш тука!“

Располагам со еден куфер од половина метар квадратен. Почнувам да шетам низ дома и да правам список што би спакувала. ,,Леле, еден куфер за целиот живот? Можно ли е?” – си зборувам сама со себе. Како хипнотизирана, прво се фаќам за пешкир и мало торбиче со препарати за лична хигиена. Апчиња за глава, против настинка и против пролив. Фармерки, патики, малку долна облека, чорапи, маица, џемперче, јакниче. Застанувам. Сфаќам дека тоа е половина од куферчето. „Ама па каде и да одам, ќе можам да си ги купам сите овие работи, подобро да земам нешто што ми е вистински вредно.“ си мислам. Сепак одлучувам да земам дел од работите, омилените парчиња, за „не дај боже“.

Семејството и пријателите ми се највредни, ама не можам да ги напикам во куфер, па ќе земам дузина фотографии. Од родендени, од другарувања, од случајни средби, од денско демење, од патувања. Од купчето накит ќе ги земам само прстенот и обетките што ми ги купија моите за дипломирање, ланчето и прстенот со сентиментална вредност. Секако мобилниот, личните документи, пасошот, картичките од банка, пари. И лап топот, затоа што целиот работен век ми е во него.

„Уффф, цвеќенцата ќе ми останат. Се надевам некој ќе им тури водичка да не умрат“ ми се врти во умот. За дребулиите донесени од патувања немам место. И така во главата ги имам сите мириси од уличките и ги паметам аглите што ме оставиле без здив. Купиштата хартии, документи, книги и разни материјали, ќе си останат на полиците. Ќе останат и сите украси, педантно споени по боја и дезен. Остануваат и подароците добиени за родендени и други пригоди. Не ми требаат ни кујнските работи, избрани соодветно за намената и според функционалноста. Алиштенцата би можел некој да ги износи, дека и тие остануваат.

Уште еднаш вртам круг низ станот. Марамата ќе ја земам, онаа што брат ми ми ја подари за роденден. Секогаш да ме чува, и од ладно и од топло. И тетратката со готварски рецепти од мајка ми, да ми замириса на дома таму каде што ќе отидам.

Се замислувам како го пакувам куферот. Има уште малку место во него. Вртам уште еден круг и додавам уште еден мал предмет, драг подарок и два магнета. Толку. Ме мава reality check. Можно е. Тоа е животот, спомените ги носам во мене, а се што оставам се предмети.

Деновиве се спремам да чистам. Сигурна сум дека нема ништо да фрлам. Се радувам на се што имам. Знам и дека на следното патување пак ќе ме боли грбот. Содржината на туѓите куфери секогаш ќе ми ја скокотка љубопитноста, но барем ја дознав тајната на мојот животен куфер.

А што пакувате вие во своите куфери? Дали сте размислиле што ви е вредно за да го спакувате и да го земете со себе, на крајот на светот?

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s