Баба ми …

 

Веќе цела недела се мислев што да напишам за денов. Не сакав тоа да бидат стереотипни муабети, па се решив да оддадам почит на една жена од моето семејство. Тоа е жената која ни остави купишта спомени и срамот дека никогаш нема да бидеме ни до половина колку неа.

Баба ми. Од на татко ми страната.                                            16409743_10154355682921299_1415191279_o

Баба ми ги правеше највкусните кофтенца на цел свет! Однадвор крцкаво запржени, внатре со кромитче и магдоновче, миризливи, мх мх мх, лиги ми течат и во моментов. Ми недостигаат и нејзините киснати пити со праз, приказните за комшиките и маалскиот живот во Чаир, раскажуванките за животот во Скопје во едно друго време.

Жената цел век беше домаќинка. Децата спастрени и мажот угоден, подоцна снаите испочитувани, а внуците истинтрани до немајкаде. Исчистено, зготвено, испрано, испеглано. Таа немаше свој живот, ние и бевме животот.

Инаку, баба ми потекнува од село, а заради болест во детството останува речиси неписмена, без завршено основно образование. Ама никој не можеше да ја прелаже. Имаше една таква самодоверба и животна енергија која рушеше се пред себе, сите бариери и предрасуди. Таа можеше да ги отвори сите врати. Нема човек на кој му нема завршено работа или му нема помогнато.

Со дедо ми се спојуваат некаде во времето на војната и доаѓаат во Скопје. Почнуваат од нула. Дедо ми успева да најде работа, ама парите не стигале, па баба ми подработува по нешто или плете и ги продава своите изработки за да го дополни семејниот буџет. Во еден момент тој напредува во кариерата, па баба ми целосно се посветува на куќата и на децата. Дедо ми зеде пензија за својот работен век. Баба ми векот го помина работејќи, а тоа никој не го виде.

Таа беше неговата сенка и неговиот столб. Таа е заслужна за штирканите кошули и исчетканиот капут со кои дедо ми го живееше статусот во боемските кругови, за појадокот на маса секое утро и спремениот кревет после секое пијано враќање од работа, за мирот во семејството, за растењето и воспитувањето на децата. Тој го знаеше и го почитуваше тоа. Таа беше неговата „другарка“ и за по работничките прослави и за по куќните слави, за одмори и за прошетки, засекогаш и за секаде. Секаде одеа заедно фатени под рака, седеа еден до друг на главните маси, се потпираа еден на друг. Подоцна таа им помагаше и на снаите во нивните обврски, ги советуваше синовите „да си ги гледаат жените“, ги чуваше внуците додека другите беа на работа, им плетеше и чеизи и се радуваше на деновите  кога ќе им заигра на свадбите. И сето тоа го правеше како да е создадена само за тоа. Со целото свое битие и со најголема љубов.

Се воодушевував како успеваше секогаш да биде со „накадрена“ коса, дотерана и „прсната со мирисче“. Имаше живи очи и бистар ум. Многу сакаше да зборува за актуелни дневно-политички теми и никогаш не пропушти да оди да гласа. Всушност таа секогаш имаше став и не се плашеше тоа да го каже.

Последните 10 години од своето живеење дедо ми ги помина парализиран и болен. Баба ми се грижеше за него. Никогаш не кажа ни збор за сите тешкотии кои ги преживеа, велеше само „вие да сте живи и здрави“. Кога тој почина, почина и нејзината душа. По неколку години, почина и таа, однесена од тешка склероза, со умот некаде далеку во минатото.

Никогаш не разбрав какви соништа имала за себе, што мечтаела, на што се надевала. Не знам што од нејзиниот живот бил нејзин избор, а што правела „дека така треба“. Но знам дека исклучително многу се гордееше со мене и се радуваше што сум „учена“.„Остај бабе, работи си ти на компјутерот“ беа зборовите што ги слушав секогаш кога ќе фатев некоја работа по дома. Таа ми беше поддршка за сите мои идеи и поттик да не се откажувам.

Ете затоа мојата баба е мојата хероина за овој 8 Март. Чувствував должност на овој ден да напишам нешто за неа. За никогаш да не се заборави трудот на „невидливите“ жени.  За да потсетам на родовите улоги во нашето општество. За да укажам дека на жените им се потребни правата, но неопходна им е и поддршката. За да потсетам на немањето на можности или немање на избори со кои се соочуваат жените. За да поттикнам да размислите. За да и се заблагодарам за ова што сум.

 

Advertisements

One thought on “Баба ми …

  1. Пингување: Баба ми . . . . | Еднакви.мк

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s